Граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме што го зафати Скопје ќе добијат обештетување, најави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски посочи дека општините и институциите на локално ниво треба да ги формираат комисиите кои ќе извршат проценка на пријавените штети. По завршувањето на проценките, податоците ќе бидат доставени до Комитетот за проценка на штети, а потоа до Владата.
„Што се однесува до обештетувањето на граѓаните кои претрпеа штета од невремето кое што се случи, можам само да кажам дека општините и институциите под општините формираат комисии. Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата, согласно законските процедури и досегашната практика, ќе интервенира и ќе ги обештети граѓаните кои ќе ја пријават штетата и за кои ќе биде утврдена нејзината висина.
Премиерот упати апел до сите граѓани кои имаат последици од невремето да ги пријават штетите, за комисиите да можат да излезат на терен, да направат увид и да се подготви целосна спецификација.
„Апелирам до граѓаните оние кои имаат штета да пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обештетиме“, рече Мицкоски.