Македонија

Мицкоски: Имаме залихи на енергенси, во моментов немаме проблем со снабдувањето

Мицкоски: Имаме залихи на енергенси, во моментов немаме проблем со снабдувањето

Македонија во моментов има обезбедени залихи на енергенси и нема проблем со снабдувањето, но состојбите на европскиот енергетски пазар во претстојниот период може да донесат дополнителни предизвици, оцени премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на прашање дали растот на цената на природниот гас и состојбата со европските резерви може да влијаат врз греењето во Скопје и врз работењето на стопанството, Мицкоски рече дека Владата има план за справување со можните нарушувања.

„Ние имаме план, знаеме како сето тоа ќе го реализираме и се реализира. Не сме голем потрошувач на гас како држава, што е олеснителна околност, но ќе биде предизвик“, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека евентуалното прекинување на војната во Заливот нема веднаш да значи и целосно нормализирање на испораките на нафта и гас. Според него, ќе биде потребно време за количините повторно да стигнат до крајните потрошувачи.

„Утре да престане војната во Заливот, а нема, од тоа што го слушаме, и тоа би можело да биде во декември, да се нормализира испораката на гас и нафта во Заливот, ќе требаат 40 дена тие количини да стигнат до потрошувачите. Нормализација таму ќе има на пролет“, изјави Мицкоски.

Како дополнителен ризик премиерот го посочи евентуалното воведување на забрани за извоз поврзани со Венецуела и САД, оценувајќи дека таквиот развој би претставувал сериозен предизвик за енергетскиот пазар.

Тој информираше дека разговарал со поголемите нафтени компании во земјава и дека во моментов има доволно залихи и количини во продуктоводот.

„Добро е што имаме залихи, што имаме количини во продуктоводот. Тој функционира, работи. Има количини и за соседите. Од денешна перспектива ние немаме таков предизвик. Но, да, во Европа ќе има. Ќе видиме како ќе се случуваат работите. Енергетски сме во исклучително добра и солидна состојба“, рече Мицкоски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни