Македонија

Мицкоски ја заокружи реконструкцијата на Владата: Зулфиќар Зејнула избран за нов министер

Мицкоски ја заокружи реконструкцијата на Владата: Зулфиќар Зејнула избран за нов министер

Реконструкцијата на Владата доби финална потврда во Собранието, каде што денеска беше избран новиот министер без ресор Зулфиќар Зејнула, претседател на Демократската партија на Турците.

Изборот на Зејнула следува по коалицискиот договор меѓу неговата партија и ВМРО-ДПМНЕ, со што пратеникот Бејџан Иљас, кој беше избран од листата на Европскиот фронт предводен од ДУИ, се приклучи на владејачкото мнозинство.

Со овој чекор, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сега има 59 пратеници, без да се вклучат пратениците од коалициските партнери во власта – ВРЕДИ и ЗНАМ.

Изборот на Зејнула беше одвоен од претходната реконструкција на Владата, бидејќи со неговото додавање во истиот пакет би се надминал уставниот лимит за промена на најмногу една третина од министрите. Во таков случај би се активирала постапка за избор на нова влада.

Премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците побара поддршка за изборот, посочувајќи дека институциите треба да ги раководат луѓе кои имаат одговорност и капацитет да ги решаваат проблемите на граѓаните.

„Потребна е политика што обединува, а не што создава нови ровови“, порача Мицкоски во образложението на предлогот.

Од опозицијата оценија дека клучни треба да бидат квалитетите и визијата на кандидатот, а не етничката припадност, додавајќи дека изборот е резултат на политички договори.

Според биографијата, Зулфиќар Зејнула има повеќегодишно искуство во јавната администрација и безбедносниот сектор. Од 2021 до 2024 година бил заменик-директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а претходно бил советник во Советот на Општина Гостивар и работел во правниот сектор на Демократската партија на Турците.

Зејнула е дипломиран криминалист на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Освен турскиот јазик, зборува македонски, албански, германски и српски јазик.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни