Вториот пензиски столб се наметнува како една од клучните теми во најавените реформи на пензискиот систем. Меѓу идеите што се разгледуваат е можноста идните пензионери најнапред целосно да ја искористат заштедата од вториот столб, а потоа, откако таа сума ќе се исцрпи, да преминат на исплата преку Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што државниот систем би добил дополнителен простор за стабилизација.
Премиерот Христијан Мицкоски, гостувајќи во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, изјави дека воведувањето на вториот столб било со добри намери, но од денешна перспектива не е сигурен дека ќе ги донесе очекуваните резултати. Според него, значителен дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од износите што ќе ги затекнат на своите сметки.
„Мислам дека очекувањата кај корисниците се повисоки од она што ќе го добијат. Намерата била добра, но загрижен сум дека резултатите нема да ги оправдаат очекувањата“, рече Мицкоски, посочувајќи дека голем дел од европските земји, членки на Европската Унија, имаат само еден пензиски столб.
Тој отвори и прашање за тоа како државата ќе постапи доколку вториот столб не обезбеди ниво на пензии што граѓаните го очекувале, што, според него, дополнително ја наметнува потребата ова прашање да биде во фокусот на претстојните реформи.