Мицкоски: Македонија е жива и ја има – „Тука сме собрани илјадници граѓани исправени и со гордо кренати глави, со име, чест, пркост, со емоција и со волја за борба која мора да донесе промени
Откако на видео-бим беа пуштени стории на граѓаните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва пред насобраната толпа на големиот протест порача „Премногу е“.
„E поради ова вечерва сме тука! И Да! Премногу е народе на Македонија! Премногу е од судбини во грч, од бескрајно чекање и од огромна сиромаштија! Премногу е да гледаме како нашата Македонија се разградува камен по камен, натопена со страдања, со трепет и со бесконечно чекање. Премногу е!“, истакна Мицкоски.
Тој додава дека тоа што вечерва го сведочи се нивните судбини, односно голиот живот и маката на народот.
„Впрочем токму поради тоа сакав на почетокот од овој величествен собир да ви се обратам од асфалтот, од пред зградата на Владата – како еден од илјадниците граѓани, како прв меѓу еднаквите кој ја доби грамадната одговорност да го предводи народот со бајракот на слободата кон промени и подобра иднина за нашата Македонија!“, вели Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тука се за да си го земат тоа што им припаѓа, а тоа е слободата.
„Тоа е слободата, слободата на Македонија. Ќе не има ли тогаш кога ќе не нема? Ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има. Е вечерва мој народе не има, и затоа нема да не нема. Македонија е жива и ја има. Ја има, многу ја има.. Тука сме собрани оваа вечер илјадници, реки граѓани исправени и со гордо кренати глави, со име, со чест, со пркост, со емоција и со волја за борба која мора да донесе промени. Никогаш Македонија не видела толку многу болка, како овие години, затоа никогаш Македонија не видела толку многу луѓе што вечерва ги преполнуваат улиците на главниот град овде во Скопје“, вели Мицкоски.
https://www.youtube.com/embed/nAZIP0CtVjc
Имате вест, приказна или проблем?
Пишете ни