Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов, во Загреб, му кажа дека партијата го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија. Вчера од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение од средбата, но никаде немаше наведено дека Мицкоски рекол дека го поддржува договорот.
Видеото на кое се слуша како тој зборува и бугарски, на „Фејсбук“ го објави Борисов.
„Сè што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија, ние поткрепиме, тука, исто така, не треба да има дилема“, рече Мицкоски, половина на македонски, а половина на бугарски јазик, на прашањето на Борисов: „Дали ВМРО-ДПМНЕ го поддржува Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија?“.
На ова, бугарскиот премиер рече дека тоа е многу важно и дека е важно да се слушне јасно.
На видеото се гледа како Мицкоски зборува и за евроатланската ориентација на ВМРО-ДПМНЕ и, полу на македонски, полу на бугарски јазик, кажа дека тој се школувал во Италија, дека меѓународниот сектретар на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски се школувал во Америка и дека Влатко Ѓорчев бил женет со Американка.
По средбата, Борисов изјави дека добил уверување од Мицкоски дека ЕУ и НАТО се приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Антибугарската реторика не само што мора да биде забранета, туку и не е правилна. Не бевме окупатори на никој. Читањето на историјата е таква каква што ја напишале историчарите и каква што со векови ја прифаќаме. Ако сакаат да напредуваат, вредностите се јасни“, рече Борисов.