Македонија

Мицкоски најави нови случаи на корупција: „Чекаме да го земат побараното мито“

Мицкоски најави нови случаи на корупција: „Чекаме да го земат побараното мито“

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека институциите следат неколку нови случаи поврзани со сомневања за корупција, но засега не открива во кои институции и сектори се одвиваат постапките. Според него, случаите се следат и се очекува да се утврди дали лицата за кои има информации навистина ќе го земат побараниот поткуп.

„Следиме неколку случаи и чекаме тоа што го побарале од странките да еве се дрзнат да го земат. Еве однапред кажувам и ги повикувам сите граѓани коишто ќе бидат жртва на било каква системска корупција да пријават и без исклучок секој ќе биде санкциониран, еве јавно го кажувам тоа. Следиме, имаме информации за неколку случаи и ги следиме и чекаме. Во институции“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој посочи дека станува збор за случаи на ниво на сектори во рамки на институциите, но не соопшти дополнителни детали, со образложение дека не сака да влијае врз евентуалните постапки.

На прашањето за неодамнешните случаи со помошник-директор во Царинската управа и возачот на генералниот секретар на Владата, Мицкоски рече дека не се согласува со тврдењата оти тие случаи биле пријавени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Премиерот повторно ги повика граѓаните да пријавуваат случаи на системска корупција во институциите.

„Не би се сложил дека граѓаните ги пријавиле во Обвинителството, но нема да давам детали во интерес на истрагата, но ги охрабрувам граѓаните, и тоа сум го кажал многу пати досега, да пријавуваат случаи на системска корупција во институциите“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека, според информациите со кои располага, во моментов нема случаи на висока корупција кои се однесуваат на највисоките функционерски позиции.

„Она што за мене е важно е дека нема случаи на висока корупција. Сега мора низ институциите овие случаи да ги исчистиме и искорениме“, изјави премиерот.

Мицкоски најави и проект со „Транспаренси интернешнл“, во рамки на кој треба да биде отворена телефонска линија преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи на системска корупција.

„Наскоро од денеска ќе почнеме еден таков проект со „Транспаренси интернешнл“ во којшто ќе имаме отворен број, отворена линија, да пријавуваат таму, а ние заедно со „Транспаренси интернешнл“ да ги спроведуваме тие случаи“, рече Мицкоски.

На изјавите на премиерот се надоврза и СДСМ, од каде што упатија критики до власта и обвинија дека правосудниот систем е под политичко влијание. Од партијата оценија дека власта ги партизирала институциите и дека под нејзина контрола се полицијата, Агенцијата за национална безбедност, обвинителствата и судовите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни