Мицкоски негира дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата – вели побарал сам!

Премиерот Христијан Мицкоски денеска по новинарско прашање негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Тој потенцира дека истрагата се продлабочува бидејќи има информации и за претходни злоупотреби на средства. 

„Не. Напротив. Поздравена е позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија“, вели Мицкоски.

Како што вели, тој самиот побарал да се блокира исплатата на парите од ИПАРД, за да се види до каде оделе злоупотребите. 

„Затоа што првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, рече Мицкоски.