Премиерот Христијан Мицкоски, за време на поставувањето камен-темелник за доградба на училиштето „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров, ги коментираше писмата што лидерот на опозицијата, Венко Филипче, ги испрати до претставниците на Европската Унија. Филипче во нив предупредува на можен политички прогон врз поранешни функционери.
„Секој има право да си се допишува и да испраќа писма, но моите чувства се сè посилни“, изјави кусо Мицкоски, повторувајќи го својот став дека набргу високи функционери од претходната власт на СДСМ би можеле да се соочат со правни процеси.
Реакција на СДСМ до меѓународната заедница
Опозициската партија СДСМ претходно извести дека Венко Филипче испратил официјални писма до Европската комисија, Европскиот парламент и амбасадорите на земјите членки на ЕУ. Во писмата се истакнува:
- Сериозно нарушување на демократскиот и уставниот поредок.
- Загриженост за нарушување на поделбата на власта и владеењето на правото.
- Инсталација на авторитаризам преку притисок врз судната власт.
Статус на екстрадицијата на Никола Груевски
Во однос на барањата за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија, Мицкоски појасни дека процедурата е посложена отколку што тврди опозицијата. Според него, клучната пречка е политичкиот азил кој Груевски го ужива во Будимпешта.
„За да се испрати барање за екстрадиција, прво треба да се покрене процедура за одземање на азилот. Ако испратиме барање сега, ќе добиеме негативен одговор“, нагласи Мицкоски
