Премиерот Мицкоски потенцираше дека владата посветено работи на реформската агенда, зајакнувањето на институциите, стабилизирањето на економијата и привлекувањето инвестиции, но отворено проговори и за разочарувањето кај македонското општество.
„По години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е граѓаните во одредена смисла да чувствуваат поголема неизвесност. Токму затоа, денес е потребно лидерство, јасност и доверба. Не бараме привилегии, ниту олеснети правила, бараме процес каде заслугите ќе бидат вреднувани. Верувам во партнерски дијалог и меѓусебна почит, но верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да бидат пречка за европската перспектива – тие се нејзин составен дел“, порача Мицкоски.
Европската интеграција, според премиерот, не е апстрактна политичка тема, туку за граѓаните треба да донесе поквалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор.
Регионална турнеја на Кошта пред Самитот во Црна Гора
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево беше пречекан пред Владата со високи државни почести, откако претходно на скопскиот аеродром пристигна од Тирана, каде што беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Двајцата лидери во Скопје разговараа и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност и отворањето нови перспективи за младите генерации.
Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата поширока турнеја низ Западен Балкан, која има за цел средби со регионалните лидери и копретседавање со Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Тиват, Црна Гора. Во фокусот на разговорите на целата турнеја се можностите и предизвиците поврзани со проширувањето на Унијата, постепената интеграција, безбедноста и регионалната стабилност.