Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека се разгледуваат неколку мерки за намалување на цените на производите, но конечната одлука ќе се донесе по анализата на Државниот пазарен инспекторат на денешната Владина седница. Мицкоски предложи една од мерките да биде објавување на цените на производите од супермаркетите на нивните веб-страници, за да се обезбеди поголема транспарентност и да се овозможи граѓаните сами да ги следат цените.
Во врска со методологијата за минималната потрошувачка кошничка, премиерот истакна дека за првпат била воведена во 2010 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ја водеше Владата. Тој нагласи дека новата методологија, која беше изменета во декември 2023, не била доставена за разгледување до нив, и по нејзиното добивање разговарале со синдикатите. Според Мицкоски, некои од производите во новата кошничка се збунувачки, бидејќи не ги користат сите граѓани или не во ист обем.
„Не знам колку ќе биде реалната потрошувачка кошничка, но можеби цените ќе бидат повисоки, а не пониски. Треба да се создаде кошничка која навистина ги опфаќа потребите на граѓаните“, заклучи премиерот.