Мицкоски убедува дека струјата нема да поскапи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека Македонија е единствената држава во регионот која ја намалила цената на горивата оваа недела, со што обезбедува стабилност и сигурност за граѓаните. Тој додаде дека количините на гориво во земјата се доволни, а Владата внимателно ќе ја следи ситуацијата и ќе реагира навреме доколку се појават глобални предизвици.

– Ние сме единствена држава што ги намали цените на горивата, единствена во регионот и можеби најдобра во Европа што се однесува до цените на нафтата и нафтените деривати. Граѓаните да бидат спокојни, има доволно количини, а состојбата ќе ја следиме и во зависност од неа така ќе реагираме – рече Мицкоски.

Премиерот апелира да не се создава паника, подвлекувајќи дека Македонија се справува со енергетската криза подобро од претходните влади. Според него, цените на горивата се значително пониски од оние во соседните држави – безоловниот бензин се движи од 1,33 до 1,39 евра за литар, дизелот околу 1,5 евра, додека во соседна Албанија и Грција литарот е над 2 евра.

– Состојбата е стабилна, нема причина за страв од немање енергенти или воведување кризни мерки, ниту на пазарот на електрична енергија, ниту на пазарот на нафта и нафтени деривати – додаде Мицкоски.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со мерката за намалено ДДВ на горивата доколку цените почнат да растат и дека се подготвени да користат дополнителни алатки како акцизи или кризни резерви. ЕСМ располага со речиси 3.200 тони мазут, а акумулациите на водни ресурси се на над 40 проценти, што е двојно повеќе од претходно.

– Целата состојба е под апсолутна контрола. ЕСМ дури продава на берзи и остварува профит, а нема да има поскапување на електричната енергија за граѓаните – нагласи премиерот.