Во Владата денеска се одржа работна средба меѓу премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, претставници на бизнис заедницата и претседателот и главен извршен директор на Стопанската комора на Дубаи, Мохамед Али Рашед Лута.
Мицкоски истакна дека приоритет на Владата останува економската стабилизација на државата, привлекување странски директни инвестиции и поддршка на домашните компании. Тој нагласи дека во последните четири квартали е остварен континуиран раст на бруто домашниот производ – 3% во третиот квартал од 2024 година, 3,2% во четвртиот квартал и првиот квартал од 2025 година, како и 3,4% раст во вториот квартал годинава.
„Имаме и номинален раст од 7,8%, што ги надмина очекувањата на меѓународните финансиски институции. Сметам дека со тоа обезбедуваме стабилна и предвидлива бизнис клима, без политички притисоци врз компаниите. Го забрзуваме градежништвото, туризмот, земјоделството, а особено внимание посветуваме на извозот на земјоделски производи коишто се произведени од нашите земјоделци и сметам дека до сега добро ни оди. Ја консолидиравме економијата и создадовме добра бизнис клима. Веќе нема политичари коишто вршат притисок врз бизнисите. Тоа беше мојот прв чекор, да ги ослободам бизнисите од надворешните политички притисоци.“, рече премиерот.
Мицкоски посочи дека туризмот е еден од стратешките приоритети, при што бројот на туристи во првите седум месеци од годинава е зголемен за 15%, а бројот на преноќувања за 10%. Тој изрази очекување дека годинава ќе се достигне бројка од 1,5 милиони туристи, а БДП-растот може да достигне и до 4% до крајот на третиот квартал.
Во однос на инфраструктурата, премиерот нагласи дека Владата е насочена кон изградба на автопатишта, брзи патишта, училишта и други капитални проекти, а инфлацијата е под контрола со стапка од околу 4% на годишно ниво.
Претседателот на Стопанската комора на Дубаи, Мохамед Али Рашед Лута, нагласи дека трговијата меѓу Северна Македонија и Дубаи во изминатите пет години достигнала 495 милиони американски долари. Тој оцени дека растечката соработка е доказ за заедничката амбиција за зајакнување на економските врски и промовирање на одржлив развој.
„Стопанската комора на Дубаи останува посветена на унапредување на соработката и промовирање на инвестициски текови што ќе донесат конкретни резултати за двете земји“, изјави Лута.