Мицкоски: Време е за длабок општествен рестарт и суштински дијалог за иднината на државата

На централното чествување на 11 Октомври – Денот на народното востание, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија има потреба од „длабока мобилизација“ на сите општествени структури, за да се направи целосен рестарт на системот кој, како што рече, е трул и нефункционален, оптоварен со компромиси и разочарувања.

Од свеченоста во Центарот за култура во Прилеп, премиерот истакна дека не се работи само за политичка или економска консолидација, туку за општествена мобилизација што ќе ги вклучи сите – академската заедница, младите, интелектуалците, професорите и граѓаните.

„Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа што нема да биде само политичка или економска, туку општествена – за целите што сакаме да ги постигнеме како држава“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека државата во изминатите три децении поминала низ низа тешки моменти – ембарга, транзиција, воен конфликт, промена на името, што, според него, оставило длабоки траги врз колективната свест.

„Системот што се гради 30 години е нефункционален, оптоварен со отстапки, неразумни компромиси и разочарувања. Многумина поради тоа ја загубија надежта и ја напуштија државата. На граѓаните им се смачува од политика и од празни расправии, затоа што се заборава моралот и вредностите што треба да бидат темел на општеството“, рече премиерот.

Мицкоски порача дека оваа генерација е последната шанса да се направат промените што ќе ја обезбедат иднината на државата:
„Оваа генерација е последната по која нема поправен. Не смееме да дозволиме да пропаднеме во апатија и поделби. Патот не е лесен, но е вистинскиот, и го градиме со срце, со вера и со љубов кон татковината – за младите што сакаат да останат, за Македонија што не се предава.“

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.