Зголемениот број случаи на западнонилска треска не е проблем со кој се соочува само Македонија, туку поширок европски предизвик, оцени премиерот Христијан Мицкоски. Според него, годинава бројот на инфекции е над просекот во повеќе европски земји, особено во медитеранскиот регион.
Мицкоски ова го изјави во Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со состојбата со западнонилската треска и мерките за заштита од комарци. Тој посочи дека, според информациите со кои располага Владата, општините ги реализирале активностите предвидени со редовните протоколи.
„Ги проверивме информациите и врз основа на она со што располагам, сите општини во рамките на редовниот протокол ги имаат завршено своите активности. Не би можел да кажам дека некој не го направил тоа или дека ја занемарил обврската“, рече Мицкоски.
Премиерот оцени дека актуелната состојба треба да се гледа во поширок европски контекст, бидејќи со зголемен број случаи се соочуваат и други земји.
„Факт е дека оваа година е натпросечна кога станува збор за ваков тип предизвик со кој се соочуваме и ние, но и, условно кажано, сите медитерански земји“, посочи Мицкоски.
Како примери ги наведе Италија и Шпанија, за кои рече дека бележат голем број смртни случаи поврзани со западнонилската треска.
Во Македонија, во меѓувреме, бројот на починати од западнонилска треска достигна седум, а надлежните институции продолжуваат да ја следат епидемиолошката состојба. На 4 септември Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на вирусот кај три угинати гаврани – два во Скопје и еден во Ресен.