Македонија

Мицкоски: Зрела држава мора да побара писмени гаранции за идентитетот, јазикот но и обврска дека Бугарија нема да нѐ блокира на патот кон ЕУ

Мицкоски: Зрела држава мора да побара писмени гаранции за идентитетот, јазикот но и обврска дека Бугарија нема да нѐ блокира на патот кон ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле истакна дека зрела држава мора да побара писмени гаранции од соседна Бугарија за идентитетот, јазикот но и обврска дека нема да нѐ блокира во понатамошниот пат кон Европската Унија.

„Ќе се воздржам од какви било прогнози за исходот од разговорите, но сакам да апелирам на висока свесност и спречување на нова национална катастрофа за Македонија. Зрела држава мора да побара од Бугарија писмени гаранции за идентитетот, јазикот но и обврска дека Бугарија нема да нѐ блокира во понатамошниот пат на Македонија кон Европската Унија“, вели Мицкоски.

Тој додава дека жали што отсуствува мудрост од македонска страна.

„Она што требаше да биде македонска позиција со барање за писмени гаранции, станува бугарска позиција и сега гледам дека тоа го говори Радев. И тоа е пропуштена шанса за Македонија. Едноставно, или се нема знаење, или сервилноста е преголема од страна на Владата во Македонија. Не сме известени за никакви детали, но она што го барам од македонската влада е да води сметка за националните и државни интереси, и ниту еден договор спротивен на националните интереси нема да добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни