Собранието официјално го усвои Законот за додатоци за млади, со кој се воведува нова мерка за директна финансиска поддршка на младите работници. Според најавите од Министерството за економија и труд, станува збор за месечен додаток кој има за цел да го стимулира вработувањето во реалниот сектор.
Кој има право на овие средства?
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, појасни дека со овој закон прецизно се уредуваат условите и постапката за остварување на правото на финансиска помош. За да се добие овој додаток, потребно е да се исполнат два клучни услова:
- Работникот да биде на возраст до 23 години.
- Да биде вработен во производствени дејности.
Исплата директно на трансакциска сметка
Според законското решение, државата ќе им исплаќа по 3.000 денари секој месец на младите кои ги исполнуваат условите.
Средствата се обезбедени од Буџетот, а исплатата ќе ја реализира Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Парите ќе легнуваат директно на личните трансакциски сметки на младите осигуреници.
Цел на мерката: Подобрување на економската состојба на младите
Оправдувајќи го донесувањето на овој закон, министерот Дурмиши потенцираше дека намерата е да се поттикнат младите луѓе својата кариера да ја градат во производството.
„Целта на овој закон е поттикнување на младите да се вклучат на пазарот на трудот во производствени дејности, а преку финансиска поддршка да се обезбеди подолгорочно вработување и подобрување на нивната економска состојба“, нагласи Дурмиши.