Денеска во Собранието, на презентацијата на публикацијата со препораки за справување со младинскиот евроскептицизам во земјите од Западен Балкан со фокус на Северна Македонија, Бојан Кордалов истакна дека младите се за Европската Унија, но сè повеќе губат надеж дека земјата наскоро ќе стане нејзин полноправен член.
„Всушност, младите се за Европската Унија. Меѓутоа, сè повеќе губат надежта дека во брзо време Македонија ќе стане земја членка на Унијата. И тоа е нешто кое што навистина мораме да работиме заедно да го промениме“, рече Кордалов.
Тој појасни дека станува збор не само за формален статус на членство, туку и за конкретни придобивки кои младите веќе ги користат преку Еразмус програмите, размените, можностите за летна работа, пракса и студирање во странство.
„Мораме да обезбедиме младите да ја видат иднината во ЕУ како реална и да ја одржиме нивната доверба во процесот на интеграција“, додаде Кордалов.