МНР: Одлуките за резолуцијата за Украина немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходните позиции

Република Северна Македонија донесе одлуки за поддршка и гласање за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации врз основа на темелно истражување и анализа на глобалните надворешно-политички движења. Овие одлуки се донесени со цел зајакнување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и заради стратешкиот интерес на државата да создаде стабилна позиција и да гради поцврсти односи со своите стратешки партнери, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во однос на Резолуцијата за Украина.

Министерството нагласува дека особено биле земени предвид силните заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација, преку ефективни и непосредни преговори. Основната цел на овие преговори е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.

– Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во оваа насока, од Министерството потсетуваат дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното