По повлекувањето на независниот кандидат Сашо Пивковски од изборната трка за градоначалник, општината Могила останува без втор круг, а нов градоначалник ќе биде Драганчо Саботковски од коалицијата „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во првиот изборен круг, одржан на 18 октомври, Саботковски освои 1.662 гласа, додека Пивковски доби 1.253. Повлекувањето на Пивковски ја направи непотребна организацијата на втор круг гласање.
„Ова не беше лесна одлука, но верувам дека е исправна и чесна во овој момент, во интерес на нашата општина и на сите граѓани што живеат во неа. Политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите“, изјави Пивковски.
Тој додаде дека останува лојален на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи: „Вистинското лидерство не се покажува само кога чекориш напред, туку и кога знаеш достоинствено да застанеш на страна.“
„Свесен сум дека оваа вест ќе изненади многумина, но ја носам со мирна совест и чувство на одговорност. Ќе продолжам да бидам тука – достапен, искрен и подготвен да помогнам секогаш кога ќе има потреба“, додаде Пивковски.
Со оваа одлука, Саботковски автоматски ја презема функцијата градоначалник на општина Могила.