Момче прободено со нож, осомничениот на слобода – семејството бара правда, обвинителството вели: Нема пријава, МВР собира докази

По објава на социјалните мрежи на Воислав Попоски, во која тој сведочи дека неговиот брат Марко е во болница по тешка операција по прободување со нож, јавноста реагира со гнев и прашања зошто осомничениот напаѓач е на слобода.

„Брат ми е жив благодарение на докторите кои девет часа го оперираа. Прободен со нож, неподвижен и со неизвесна иднина, убиецот во обид, Цветко, слободно се шета низ Грција и објавува слики на Инстаграм“, напиша Попоски, додавајќи дека државата не презела мерки за одземање на пасош или притвор на осомничениот.

Во својата објава тој упати остри критики кон институциите – Министерството за внатрешни работи, обвинителството и судството.

„Ова не е правда. Ова е срам. Ова е пораз на системот, на полицијата, на обвинителството и на државата која тврди дека е правна. Каде е државата кога жртвата е во болница, а насилникот на одмор?“ напиша Попоски, завршувајќи со повик: „Правда за Марко!“

Од Основното јавно обвинителство Струга велат дека до овој момент не е поднесена кривична пријава за настанот.

„Јавен обвинител е известен дека МВР постапува за документирање на настанот, обезбедување докази и вештачења. Лицето за кое постојат индиции дека е можен сторител е малолетно и доколку се обезбедат докази кои ќе дадат основано сомнение дека тој го извршил делото, постапката ќе се води од страна на судија за деца, согласно Законот за правда на децата“, соопштија од обвинителството.

Семејството Попоски најавува дека ќе поднесе официјална пријава и ќе бара целосна истрага за случајот, со апел до надлежните органи сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

Случајот повторно го отвора прашањето за начинот на постапување на институциите во случаи на тешки насилства, особено кога се инволвирани малолетни лица и кога жртвите се со сериозни повреди.