МОН дава нова шанса: Дополнителен рок до 16 ноември за пријавување за субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука (МОН) информираше дека овозможува дополнителен рок за пријавување за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк. Оваа можност е за сите студенти кои го испуштиле првичниот рок, кој траеше од 1 до 5 ноември.

Новиот, дополнителен рок започнува од денеска (13 ноември) и ќе трае до 16 ноември 2025 година.

Како да се пријавите?

Од МОН појаснуваат дека пријавувањето се врши исклучиво електронски, преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk/

Кандидатите при пријавувањето треба да ги пополнат следните обрасци:

  1. Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк
  2. Изјава за точност на внесените податоци

Од Министерството нагласуваат дека двата документи треба да бидат потпишани од страна на студентот и потоа да се прикачат кон електронската апликација.

Кога ќе започне исплатата?

Како што се наведува во соопштението, сите студенти кои ќе го остварат правото на студентски оброк (вклучително и оние пријавени во дополнителниот рок) ќе почнат да ги примаат средствата во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој се пријавиле.

За сите прашања или евентуални проблеми поврзани со процесот на пријавување, Министерството за образование и наука има обезбедено поддршка преку Секторот за ученички и студентски стандард.

Студентите можат да се обратат на следната е-пошта: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk