Врховниот суд на Русија денеска ја класифицираше организацијата за борба против корупцијата на покојниот опозиционер Алексеј Навални како терористичка организација.
Ова движење претходно беше прогласено за „екстремистичко“.
Фондацијата против корупција се смета за „терористичка организација“, соопшти Врховниот суд и додаде дека се забрануваат нејзините активности, како и активностите на структурните ограноци на таа организација на руска територија.
Според судот, Фондацијата против корупција била формирана во САД врз основа на Фондацијата за борба против корупција (ФБК) и други организации поврзани со Алексеј Навални во Русија, по нивната забрана.
Судот ја обвини организацијата дека спроведува „деструктивни активности на руска територија“, дека „промовира, оправдува и поддржува тероризам“ и оти „организира, подготвува и врши злосторства од екстремистичка и терористичка природа“.
„Терористи се Владимир Путин и неговите помошници, оние кои ја почнаа војната (во Украина) кои убиваат цивили и политички противници, кои апсат луѓе“, реагираше тимот на Навални на Телеграм.
Тие ги обвинија руските власти дека се обидуваат да ги „заплашат“ приврзаниците на покојниот опозиционер за да престанат да ги следат и шират истрагите на таа организација.
Организацијата откри бројни случаи на корупција во рамките на руската елита и објави истрага за палата која наводно му припаѓа на Владимир Путин.
– Продолжуваме да работиме. Истражуваме, ја кажуваме вистината, им помагаме на политичките затвореници, додаде тимот на Навални.
Активистот за борба против корупцијата и главен опозиционер на Владимир Путин, Алексеј Навални, почина во февруари 2024 година под неразјаснети околности во затвор на Арктикот.
Неговата вдовица Јулија Навалнаја, која го презеде водството на неговото движење, во септември рече дека нејзиниот сопруг бил отруен, посочувајќи дека тоа тврдење се заснова на анализи направени од западни лаборатории.
Руските власти силно го задушуваа движењето на Навални, така што речиси сите негови соработници се или во затвор или принудени на егзил.
Според невладината организација Амнести Интернешенел, мерката на Врховниот суд има за цел да го „расформира наследството на Навални“ и да го потисне секој што останал близок до дисидентот во Русија.
Таа одлука го изложува секој поврзан со ФБК или со Алексеј Навални на кривично гонење со закана од најостри казни, кои можат да одат до доживотен затвор, наведе Амнести Интернешенел.