Мотивот и натаму не е познат – ако е Вања грабната за пари, зошто веднаш ја убиле?

Едно од најголемите прашања што се поставува во текот на судењето за свирепото убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска е: Ако девојчето било киднапирано за откуп, зошто веднаш било убиено?

Мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, сведочеше дека нејзиниот поранешен сопруг, Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за соучесништво, веднаш почнал да тврди дека ќерка им е киднапирана.

„Од првиот момент велеше дека Вања е киднапирана, а кога го прашав зошто мисли така, тој одговараше: нема што друго да биде.“, изјави Зорица Ѓорчевска, мајка на Вања.

Меѓутоа, и покрај тоа, никакво барање за откуп не било доставено до семејството. Оваа брзина на убиството покренува сомнежи околу вистинските намери на сторителите и планирањето на злосторството. Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска ја претстави теоријата на обвинителството, според која намерата првично била да се бара откуп.

„Намерата била да присилат некој од блиските да даде пари за нејзин откуп.“, стои во теоријата од Обвинителството.

Мајката на Вања истакна дека вечерта пред киднапирањето, Александар испратил порака до девојчето, со инструкции како да се облече за ладното време.

Дополнително, сестрата на Вања, Миња, го известила таткото ќе оди сама на училиште на денот на киднапирањето, што според обвинителството било клучно за сторителите.

Според обвинителството сторителите точно знаеле када да се движат за да не ги снимат околните безбедносни камери, а и знаеле точно како со штрафцигер насилно да ја отворат влезната врата од зградата каде живеела Вања.

Сомнежите околу брзото убиство на Вања, без побарано откуп, отвораат многу прашања за вистинските мотиви и улогата на обвинетите, а обвинителството сè уште треба да го разјасни зошто планот за откуп не бил реализиран. Во судница треба да бидат изведени и докази, за кои пак обвинетите тврдат дека не постојат.

Според обвинението, Вања била грабната на 27 ноември 2023 година од влезот на нејзината зграда, додека се упатила на училиште, но наместо да се побара откуп, таа била убиена само неколку часа подоцна.