МРТ имала сериозен технички проблем, се проверува дали има намерен упад во мрежниот систем

Поради сериозен технички проблем МРТВ вчера не беше во можност да емитува дневници во 17:00, во 19:30 и во 22:30 часот, информираат од МРТВ.

„Се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем, поради постоечките сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија. Во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции“, соопшти МРТВ.

Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија и посочува дека Македонската радиотелевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста.