„Мамо, не успеав да го спасам брат ми…“ Со овие зборови, преживеаниот син Кристијан ја пречекал својата мајка Марија Петрушева на вратата од болничката соба број 2 на Интерното одделение.
Во продолжение на своето сведочење, Петрушева го опиша „хорор филмот“ низ болничките ходници во Кочани. „Таму ме дочека уште поголем ужас. Цел ходник беше со легнати деца – кои исцрнети до непрепознавање, кои изгорени. Слушнав како една медицинска сестра ѝ кажа на една мајка дека ќерка ѝ починала. Тогаш сфатив дека има мртви,“ раскажа таа.
Петрушева го нашла својот син Андреј на вториот кревет до прозорецот. За разлика од другите, тој немал видливи изгореници, што кај мајката разбудило лажна надеж. „Изгледаше толку живо што не верував дека е мртов. Почнавме да му даваме вештачко дишење. Тој испушташе некои необични звуци, мислев дека се враќа, мислев дека го оживуваме… Умот не ми даваше да се помирам,“ сведочеше мајката низ плач.
Надежта згаснала кога дежурен доктор, кој бил дополнително повикан од Оризари, влегол во собата. „Му реков: ’Докторе спаси го‘. Тој го фати за пулс и кажа дека веќе се лади. Му реков да провери да не има грешка, ги провери и другите три деца во собата. Ми кажа дека сите тие деца се мртви,“ рече Петрушева.
Хаосот продолжил пред болницата, каде се слушале само пискотници. Марија откри дека родителите првично одбивале телата да бидат однесени на обдукција во Скопје. „Реагиравме дека не сакаме да ни ги носат децата, тоа беше преголем шок за нас. Но, откако ни објаснија дека е морално, не убедија,“ заврши таа.
