ЗДРАВСТВЕНАТА состојба на папата Франциско, кој се бори со билатерална пневмонија, и понатаму е критична и „остануваме претпазливи во однос на прогнозата“ поради „сложеноста на неговата клиничка слика“, соопшти вечерва Ватикан. Ватикан додаде дека папата немал дополнителни респираторни кризи, но дека имал „лесна бубрежна инсуфициенција“. Тој продолжува да прима терапија со кислород со висок проток.
„Комплексноста на клиничката слика и потребното чекање за да стапат на сила фармаколошките терапии бараат од нас да останеме внимателни во однос на прогнозата“, се вели во најновиот објавен здравствен билтен.
Во неделата наутро Ватикан соопшти дека Светиот Отец поминал „мирна“ ноќ одморајќи се.
Папата (88) беше примен во римската болница „Гемели“ на 14 февруари по неколкудневно отежнато дишење, а потоа му беше дијагностицирана билатерална пневмонија. Ватикан прво ја опиша неговата состојба како критична во саботата, известувајќи дека тој ден му требал дополнителен кислород и трансфузија на крв.
Ватикан претходно објави дека Папата нема да се појави во јавноста да се моли со аџиите во недела, со што се одбележува втора недела по ред кога го пропушта настанот. Франциско, кој е папа од 2013 година, во последните две години страдаше од периодично лошо здравје.
Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.