Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во своето обраќање од Обединетите Арапски Емирати информираше за учеството на македонската делегација, предводена од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на Светскиот самит за влади во Дубаи.
Муцунски истакна дека овој самит претставува една од клучните глобални платформи посветени на иднината на владеењето, економијата и меѓународната соработка.
Во рамки на посетата, тој ќе оствари средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула, при што ќе биде потпишан меѓувладин меморандум за разбирање и соработка во областа на модернизација на владата и државната администрација.
На маргините на самитот, министерот најави повеќе билатерални средби со шефови на држави и високи претставници, со цел продлабочување на политичката и економската соработка и унапредување на меѓународната позиција на државата.
Тој порача дека економијата, дигитализацијата и конкретните резултати се во фокусот на активностите, со јасна цел придобивките од оваа посета директно да ги почувствуваат граѓаните.
