Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во гостување во централниот дневник на ТВ Сител информираше дека е започнат процесот на репатријација на повредените граѓани од трагедијата во Кочани кои се на лекување во странство. Првиот пациент се вратил денеска од Белград, а до крајот на неделата се очекува да се вратат уште неколку од Австрија и Белгија.
Министерот потврди дека специјализираните медицински тимови, во координација со македонските институции и дипломатско-конзуларните претставништва, ги договараат сите логистички аспекти на враќањето – од типот на транспорт до придружба на семејствата.
Муцунски упати искрена благодарност до државите кои во критичниот момент понудија и обезбедија медицинска и логистичка поддршка:
„Солидарноста што ја добивме не беше само на зборови – туку солидарност на дело. Благодарни сме на владите и народите кои ги отворија вратите за нашите сограѓани.“
Посебно ги издвои Романија, Луксембург и Норвешка, кои испратиле специјализирани авиони, како и Израел, кој упатил лекари во Македонија. Министерот ги посети болниците во Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена, Љубљана и Будимпешта, каде, како што рече, „нашите пациенти беа третирани како свои деца“.
„Наша задача како држава беше да се грижиме за овие млади животи. И денес, кога првиот од 115 пациенти се врати дома, тоа е светла точка во морето од тага што ја живееме,“ рече Муцунски.
Во однос на Германија, која не прими пациенти, тој појасни дека понудите од одредени земји подобро одговарале на потребите на терен, но додаде дека Германија останува наш клучен партнер.
Министерот потенцираше дека следен голем предизвик е обнова на животот во Кочани:
„Треба да размислиме што понатаму ќе направиме за нив, за нивните семејства, но и за Кочани – за градот повторно да живее добри денови, во почит кон тие што таму загинаа.“