Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изрази сериозна загриженост поради последните инциденти со дронови во Романија и упати силна поддршка до земјата како сојузник во НАТО.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Муцунски истакна дека Северна Македонија стои во целосна солидарност со Романија по повторените нарушувања на нејзиниот воздушен простор.
„Длабоко сме загрижени поради последните инциденти со дронови во Романија. Стоиме во целосна солидарност со нашиот НАТО-сојузник Романија по повторените нарушувања на нејзиниот воздушен простор“, напиша Муцунски.
Тој оцени дека ваквите инциденти се неприфатливи и порача дека тие мора да престанат.
Според министерот, одмерената и решителна реакција на Романија ја покажува подготвеноста и одлучноста што ја карактеризираат Алијансата.
Муцунски нагласи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на принципот на колективна одбрана во рамки на НАТО и на заштитата на безбедноста на територијата на сите земји-членки.