Македонија

МВР со засилени контроли на автобусите и камионите до 22 ноември

МВР со засилени контроли на автобусите и камионите до 22 ноември

Техничката исправност на автобусите и товарните возила, оспособеноста на возачите и почитувањето на прописите за превоз на патници се во фокусот на засилените полициски контроли што се спроведуваат низ државата.

Акцијата се реализира од 16 до 22 ноември 2026 година, во рамки на меѓународната кампања „Truck & Bus“, организирана од Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL), чија членка е и македонската сообраќајна полиција, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Главната цел е намалување на сообраќајните незгоди, откривање и санкционирање на прекршоците и подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

При контролите, полицијата посебно ја проверува техничката исправност и безбедносната опременост на автобусите и камионите, како и исполнувањето на законските услови за организиран превоз на деца. Под лупа се и прописите при организирање училишни, образовни и рекреативни патувања.

Дополнително, се проверуваат психофизичката состојба и способноста на возачите безбедно да управуваат со возилата, како и исполнувањето на другите законски обврски во патниот транспорт.

Паралелно, засилени контроли се спроведуваат и врз останатите учесници во сообраќајот. Акцентот е ставен на пречекорувањето на брзината, возењето под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористењето сигурносен појас, неправилниот превоз на патници и другите прекршоци кои ја загрозуваат безбедноста.

Од МВР апелираат до возачите, превозниците и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да покажат одговорност при управувањето со возилата.

Од Министерството посочуваат дека продолжуваат со превентивните активности и засилените контроли, во соработка со европските партнери, со цел подобрување на сообраќајната култура и зголемување на безбедноста на патиштата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни