Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведе вонредни инспекциски надзори во болниците во Струмица, Штип и на Клиниката за неврологија во Скопје, каде што била прегледувана, породена и лекувана пациентката С.М., соопшти Министерството за здравство.
По увидот во медицинската документација и земените изјави од здравствените работници, а поради сериозноста на нејзините здравствени компликации, донесено е решение за формирање комисија за стручен надзор над целиот процес на породување и лекување.
Комисијата е составена од лекари специјалисти по неврологија, анестезиологија, гинекологија, радиологија и неврохирургија.
„Со цел да се обезбеди целосна, независна и објективна стручна процена, министерот за здравство побара во комисијата за стручен надзор да биде вклучен и медицински експерт од соседна држава. Тој ќе учествува во анализата на медицинската документација и изготвувањето на стручното мислење“, наведуваат од Министерството.
Од ресорното министерство дополнуваат дека јавноста ќе биде соодветно информирана за наодите веднаш по завршувањето на стручниот надзор.