Македонија

На 103 години почина д-р Никола Стојановски, претседавач на првото повеќепартиско Собрание и долгогодишен претседател на Сојузот на борци

На 103 години почина д-р Никола Стојановски, претседавач на првото повеќепартиско Собрание и долгогодишен претседател на Сојузот на борци

Во 103. година од животот почина д-р Никола Стојановски, потврди неговото семејство. Тој беше првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, на неговото конституирање на 8 јануари 1991 година, како и последниот жив партизан учесник во Народноослободителната борба (НОБ).

Како највозрасен пратеник, Стојановски ја водеше конститутивната седница сè до изборот на Стојан Андов за претседател. За тие турбулентни моменти подоцна сведочеше: „Секоја партија сакаше нејзините ставови да преовладуваат. Првпат повеќепартиски парламент. Мораше смирено да се води седницата, да се сослушаат сите и да се почитува редот.“

Историјата бележи и симболична паралела: првиот претседавач на првото заседание на АСНОМ во Прохор Пчински на 2 август 1944 година исто така беше велешанец. Како највозрасен, седницата тогаш ја водеше Панко Брашнар, сè до изборот на Методија Андонов-Ченто за претседател на Президиумот на АСНОМ.

Д-р Никола Стојановски беше долгогодишен активист и претседател на Сојузот на борци, а во март 1942 година учествуваше во штрајкот на велешките гимназијалци против користењето на бугарскиот јазик во наставата.

Роден е на 8 февруари во велешкото село Скачинци. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а во 1958 година специјализирал педијатрија во Загреб. Целиот работен век го помина како лекар и педијатар, а извесен период беше и директор на Велешката болница, оставајќи зад себе углед и благодарност кај многу генерации велешани.

Местото и датумот на погребот ќе бидат дополнително соопштени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни