На 20 октомври контролорите на летање во штрајк – аеродромите во Скопје и Охрид без полетувања и слетувања

На 20 октомври, од 10 до 15 часот, двата македонски аеродроми – Скопје и Охрид – ќе бидат без полетувања и слетувања, поради најавениот штрајк на контролорите на летање.

Во тој период ќе работи само еден сектор на контролата на летање, кој ќе овозможи максимум 30 авиони на час да го прелетуваат македонското небо, но без можност за слетување. Вообичаено, бројот на прелети изнесува околу 70 авиони, што значи намалување од речиси 50%.

Штрајковите, како што најавуваат од синдикатот, ќе продолжат секој понеделник во истиот термин сè додека не бидат исполнети нивните барања.

Од М-НАВ реагираат дека контролата на летање е дел од критичната инфраструктура и не смее целосно да запре, бидејќи тоа би претставувало ризик по безбедноста на патниците, екипажите и воздушниот сообраќај.

„Го признаваме правото на синдикатите да штрајкуваат, но мора да се обезбеди доволен број контролори кои ќе ја гарантираат безбедноста на воздушниот сообраќај. Ниту една активност не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата,“ соопштија од менаџментот на М-НАВ.

Синдикатот, пак, бара да се прекинат партиските и непотребни вработувања, да се направи функционална анализа на потребите и бројот на извршители во службите, како и да се утврди профилот на кадар кој навистина е неопходен за безбедно и ефикасно функционирање на системот.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.