Изборната кампања во Струга влезе во тензична фаза откако Националната алијанса за интеграција (НАИ) и нејзиниот кандидат Арсим Далипи реагирале против изборни паноа на кои стоеле пораки на македонски јазик, што предизвика бура од реакции и обвинувања за отворена провокација и навреда кон македонската заедница.
Според наводите, реакцијата на НАИ била насочена кон билбордите на нивниот политички противкандидат Менди Ќира. Како одговор на тоа, во јавноста се појави остра реакција во која се наведува дека нападот врз македонскиот јазик е навреда за целата заедница во Струга.
„Кога некој ќе напише „Струга зборува Албански“ како одговор на „Време за промена“, тоа не е политичка дебата. Тоа е отворена провокација кон секој граѓанин кој зборува македонски… Да бидеме јасни: македонскиот јазик не е туѓ, тој е државен!“, се вели во реакцијата.
Во текстот се поставуваат и директни прашања до НАИ и нивниот кандидат Арсим Далипи:
- Ако им пречи македонскиот јазик, зошто денес бараат гласови по македонските села?
- Како разговараат со тие луѓе, на македонски или со преведувач?
- И како очекуваат поддршка од народот чиј јазик го понижуваат?
Во реакцијата се нагласува дека Струга не е ничија приватна сопственост, туку град на сите – Македонци, Албанци, Турци, Власи – и дека секој обид градот да се претвори во етничка тврдина ќе ја уништи неговата душа. „Струга зборува заедно. Струга не се дели“, се заклучува во текстот.