На денешен ден пред 5 години: Два силни земјотреси (ML5.0) го погодија Мавровскиот регион

На денешен ден, пред точно пет години, жителите на Мавровскиот регион и пошироката околина беа вознемирени од два умерено силни земјотреси. Овие потреси, регистрирани на 11 ноември 2020 година, се воедно и најсилните инструментално регистрирани земјотреси во тоа епицентрално подрачје (Дебар).

Првиот земјотрес се случи во раните утрински часови, во 4 часот и 54 минути, додека вториот беше регистриран попладнето, во 15 часот и 25 минути.

Двата потреси беа со Рихтерова магнитуда МL5.0 степени и со интензитет од VI степени според Европската макросеизмичка скала.

Вознемиреност кај граѓаните и материјална штета

Поради силната јачина, земјотресите беа почувствувани во целиот западен и централен дел од Републиката, како и во пограничните подрачја.

Како што се наведува во тогашните извештаи, голем дел од граѓаните беа видно вознемирени и исплашени. Утринскиот земјотрес, поради силното тресење, разбуди дел од локалното население, а многумина ги напуштија своите домови.

Потресите предизвикаа и појава на неконструктивни оштетувања, како што се пукнатини на дел од градбите во потесната епицентрална област. Беа регистрирани и одрони кои предизвикаа привремен прекин во сообраќајот, како и појава на заматување на водата за пиење во Мавровскиот регион.

Овие два главни удари беа проследени со серија на илјадници последователни потреси во текот на следните 12 месеци, кои повремено повторно предизвикуваа вознемиреност кај населението.

Потсетување за заштита од земјотреси

Од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, по повод годишнината од овие настани, потсетуваат на важноста за познавање и применување на мерките за заштита од земјотрес.

Повеќе информации и совети за заштита од земјотрес може да се пронајдат на официјалната интернет страница на опсерваторијата: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/