На Македонецот што си ја уби сопругата во Италија му се заканува доживотна казна, според новиот закон!

Бегството на 50-годишниот Назиф Муслија, Македонец обвинет за убиството на неговата сопруга Саџиде Муслија, заврши по повеќе од 30 часа потрага во италијанската провинција Анкона. Тој беше пронајден тешко повреден во шума во селцето Бракано ди Мателика, Мачерата, по обид за самоубиство. Околу 16:30 часот, ловџија кој се наоѓал во подрачјето го забележал како лежи на земја и веднаш ја алармирал полицијата, што спречило фатален исход.

Убиството се случи на 3 декември во Пјанело Валесино ди Монте Роберто, каде што жената беше пронајдена мртва на креветот со тешки повреди на черепот и градите. Јавното обвинителство во Анкона издаде меѓународна потерница по Муслија под сомнение за тешко убиство со умисла, а истрагата продолжува со детални претреси во домот на жртвата. Карабинерите запленија железна цевка најдена на блиско градилиште, за која се сомневаат дека е оружјето со кое било извршено убиството. Предметот е испратен на анализа.

Ова убиство се случува само неколку дена откако италијанскиот парламент го прогласи фемицидот – убиство на жена мотивирано од полот – за посебно кривично дело казниво со доживотен затвор. Со ова, Италија се приклучи на малкумина држави во ЕУ кои го препознаваат фемицидот како засебно кривично дело, покрај Хрватска, Кипар и Малта. Законот беше усвоен симболично, на Денот за елиминација на насилството врз жените.

Истовремено се отвора прашањето дали трагедијата можела да се спречи. Муслија требало да помине едногодишен програмски пат во Центар за машки сторители на насилство, како дел од неговата претходна спогодба за нападите врз сопругата. Програмата опфаќала 60 часа задолжителни средби, на секои две недели, откако пресудата станала правосилна во септември 2025. Но, според неговиот адвокат Антонио Гаљарди, „немало слободни места за состаноци“ во институцијата што ја спроведува програмата.

Главната обвинителка на Анкона, Моника Гарули, остро реагираше на институционалните пропусти.

„Не можете да ги третирате сите случаи на насилство на ист начин. Овој случај заслужуваше брза и поинаква постапка, што не беше направено“, изјави таа. „Кога идентификувате структура за работа со сторители, мора да се процени ризикот од рецидивизам и да се разликуваат патиштата според сериозноста на обвиненијата.“

И Центарот против насилство во Анкона укажува на потребата од поцврсти механизми за заштита. Претседателката на здружението, Роберта Монтеново, предупредува:

„Потребна е темелна проценка на ризикот, особено кога има знаци за можна ескалација на насилството. Неопходно е да се воведат мерки додека се чека отпочнување на кој било програмски процес.“

Истрагата продолжува, а италијанската јавност повторно го отвори прашањето за одговорноста на институциите во случаите на семејно и родово базирано насилство.