Регионот Трентино, на северот од Италија, осмисли програма за ревитализација на селата што се на работ на исчезнување и нуди финансиска поддршка за оние што би купиле и обновиле имот таму. Програмата им нуди на заинтересираните до 20.000 евра за купување недвижност, до 80.000 евра за обнова, како и покривање до 40 проценти од трошоците за купување и реновирање на стара куќа.
Услов е недвижноста купена со помош на оваа програма да стане главно место на живеење на новиот сопственик, каде што ќе мора да живее најмалку десет години – во спротивно средствата ќе треба да ги врати. Постојат и можности недвижноста да се изнајми на исто, десетгодишно период, но парите не можат да се искористат за обнова на куќа што ќе се издава краткорочно или за туристички цели.
Вкупниот фонд изнесува 10 милиони евра за периодот 2025–2026, а финансирањето е дел од поширока државна програма за ревитализација на помали места со помалку од пет илјади жители. По првиот круг на пријави кој беше отворен напролет, вториот круг е отворен до 31 декември напладне.
Програмата опфаќа повеќе места во планински и рамничарски региони, а заедничка карактеристика им е дека се слабо или речиси целосно ненаселени. Меѓу нив се Вал ди Нон, Вал ди Соле, Вал ди Фиеме, Вал ди Чембра, Валфлоријана, Кастело Тезино, Валларса, Вермилјо и бројни други села.
Да се пријават можат сите што не се жители на целните села и општини – Италијанци од земјата и од странство, како и странци и поединци кои сакаат да купат и обноват една, две или три станбени единици. Недвижностите мора да бидат во станбена категорија, да не припаѓаат на луксузни класи, а зградите не смеат да имаат повеќе од осум станови.
По поднесувањето на пријавата, одлуката за доделување средства се носи во рок од 90 дена, а исплатата следува во рок од околу 60 дена по одобрувањето. Програмата покрива широк спектар на внатрешни и надворешни работи, како што се обнова на подови, инсталации, внатрешна столарија, уредување на покрив, фасада, балкони, надворешни скали, како и технички трошоци до 10% од вкупниот износ.
