Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален внес на девизи во државата, при што беа запленети 64.250 евра пронајдени при контрола на патничко возило со германски регистарски таблички. Против грчкиот државјанин кој управувал со автомобилот е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.
Од Царинската управа информираат дека при редовната контрола, на прашањето дали има нешто да пријави, патникот пријавил дека носи 60.000 евра и приложил образец издаден при влез во Република Србија.
Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициски службеник на Фронтекс, извршиле детален претрес на возилото и патникот, при што биле пронајдени вкупно 124.250 евра.
Во согласност со Законот за девизно работење, на лицето му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека останатите 64.250 евра биле одземени.
Според податоците на Царинската управа, од почетокот на годината се евидентирани 30 случаи на нелегален пренос на девизи. Во тие случаи се запленети вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.