Скопје денес е центар на светското олимписко таеквондо, со одржувањето на најголемиот спортски настан во Македонија – „Скопје Опен Рамус 2026 Г1“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека на турнирот учествуваат над 1000 спортисти од 41 држава, кои се борат за олимписки бодови што водат кон квалификациите за Летните олимписки игри.
„Скопје Опен“ прераснува во еден од најсилните и најреномирани спортски настани во светот на олимпиското таеквондо, поставувајќи нови стандарди и позиционирајќи го Скопје високо на светската спортска мапа, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека градот е горд што е покровител на настанот и дека ќе продолжи активно да го поддржува спортот, нагласувајќи дека спортот е начин на живот, учи дисциплина, посветеност и гради вистински вредности кај младите.
Градоначалникот упати посебна благодарност до Дарко Костовски и неговиот брат за нивната визија и труд во развојот на таеквондо спортот во Македонија, како и до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка на спортот во земјата.
„Скопје денес е симбол на спортскиот дух, заедништвото и победничката енергија“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека градот ќе продолжи да создава услови за нови успеси и шампиони.