Вонредните инспекциски контроли во објектите каде се произведуваат сладолед и мраз открија низа неправилности, меѓу кои нерегистрирани оператори со храна, недостиг на лабораториски анализи и несоодветно означување на производите.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од почетокот на јули до крајот на август извршиле вкупно 560 надзори кај производители и угостителски објекти кои самостојно произведуваат и ставаат во промет сладолед и мраз за сопствени потреби.
При контролите биле издадени 140 решенија поради утврдени неусогласености, а изречени се и 45 парични казни во вкупна вредност од 19.430 евра во денарска противвредност.
Како небезбедни биле уништени 202 литри/килограми сладолед и мраз. Инспекторите утврдиле и дека 17 оператори не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ.
Дополнително, кај 64 оператори не биле направени потребните анализи на сладоледот и мразот, додека кај 20 биле констатирани недостатоци во означувањето на производите. Тројца оператори, пак, набавувале мраз од нерегистриран добавувач.
Контролите покажале и пропусти поврзани со здравствената безбедност на вработените. Кај 10 оператори биле затекнати лица кои немале извршено задолжителни здравствени прегледи.
Несоодветни хигиенски и технички услови биле утврдени во пет објекти, додека 19 оператори немале воспоставено процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, како и процедури за чистење на ледоматите.
Кај четири оператори немало записи за следливост на производите, а кај еден биле утврдени пропусти во спроведувањето на задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Од АХВ посочуваат дека контролите се спроведени согласно одредбите од Законот за безбедност на храната.