Проектот за директна комуникација со граѓаните преку веб-страницата на Министерството за здравство почна да ги дава првите финални резултати. Како што информираше министерот Азир Алиу во емисијата Ноќно студио на 4ТВ, иако на почетокот постоело скептицизам околу ефикасноста на оваа алатка, бројките покажуваат дека таа прераснала во функционален механизам за лоцирање на проблемите во здравствениот систем.
За обработка на стотиците онлајн пријави кои пристигнуваат од пациентите е задолжен посебен оддел во рамките на Министерството, чија задача е да ги чита, селектира и да постапува по поплаките.
„Идејата не е само да отворите канал за комуникација, туку некој тие податоци да ги чита, селектира и обработува. Имаме цел оддел кој се занимава со ова бидејќи пристигнуваат стотици онлајн пријави – од клучни информации, па сè до небитни поплаки. Од досега дефинираните пријави, лоциравме 345 поплаки. Од нив, 36 реални проблеми на граѓаните се веќе целосно решени, 12 се во фаза на решавање, а за 27 се утврди дека се неосновани. Во тие случаи не станувало збор за лекарска грешка или прекршување на протоколот, туку едноставно пациентите или не биле доволно информирани или биле незадоволни од други причини“, информираше Алиу, додавајќи дека за дел од сериозните пријави веќе постапуваат и други надлежни институции во државата.