Македонија

Надојдената река Тркања однесе 220 овци и јагниња, срушен ѕид оштети возила во Штип – ова е состојбата по врнежите!

Надојдената река Тркања однесе 220 овци и јагниња, срушен ѕид оштети возила во Штип – ова е состојбата по врнежите!

Центарот за управување со кризи информира за состојбата на терен по обилните врнежи.

Според информациите од ЕЛС Струмица, состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување.

Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации.

Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино.

Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.

Штипски регион

Поради врнежите од дожд зачестени се одрони и свлечишта на патните правци: Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица. ЈП „Македонија пат“ – регион Исток континуирано интервенира и ги одржува патиштата проодни, со апел за внимателно и прилагодено возење.

Во Штип пријавен е срушен потпорен ѕид на улицата „Љубен Иванов“, при што се оштетени две паркирани возила и е блокирана една сообраќајна лента.

Поврзана објаваВИДЕО Се сруши ѕид во Штип, оштети неколку автомобили!

По завршување на увидот од СВР Штип ќе се пристапи кон расчистување.

Водостоите на водотеците се зголемени, но се во рамките на коритата и засега нема опасност од излевање.

Кумановски регион

Во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане нема опасност од излевање на реките. Во општините Крива Паланка и Ранковце нивото на Крива Река е зголемено, но нема излевање и пријавени штети. Во општина Кратово нема штети, а зголемените водостоји на Кратовска и Крива Река се во рамките на коритата.

Поврзана објаваВНИМАВАЈТЕ: Одрони на патот Делчево – Македонска Каменица

Битолски регион

Во општините Битола, Новаци, Могила, Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Демир Хисар нема пријавено штети од врнежите. Во општина Крушево нивото на реката Црна кај с. Бучин е покачено, но стабилно и без опасност од излевање.

Велешки регион

Во општините Велес, Неготино, Кавадарци, Свети Николе и Лозово состојбата е стабилна и нема опасност од излевање на реките. Во ридско-планинските делови на општина Кавадарци има нови врнежи од снег. ЈП „Комуналец“ со две возила интервенира на критичните патни правци. На патниот правец Кавадарци – Мушов Гроб – Мајдан има одрони кај месноста Катуниште, каде ЈП „Македонија пат“ врши расчистување. Сите патишта се проодни. Од браната „Мавровица“ продолжува прелевање на вода од 2 см над максималната кота, без опасност од излевање и загрозување на околината.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни