Комесарот за соседство и проширување на Европската комисија, Марта Кос, започна повеќедневна посета на Босна и Херцеговина. Средбата со неа ја избегна српската членка на Претседателството Жељка Цвијановиќ, блиска соработничка на неформалниот лидер на Република Српска Милорад Додик, која ова го објави вчера.
Кос го одржа својот прв состанок во зградата на Претседателството на БиХ, каде што разговараше само со бошњачкиот член на државното раководство, Денис Беќировиќ.
Претседателот Жељко Комшиќ е во Њујорк на сесија на ОН, а српската членка Жељка Цвијановиќ не присуствуваше на состанокот, што беше очекувано со оглед на најавата на Милорад Додик дека претставниците на неговата партија ќе ја бојкотираат оваа посета.
Кос претходно изјави дека Додик е сепаратист
„Доаѓа извесна Марта Кос, која доби позиција како комесар за европска интеграција и проширување и е фокусирана исклучиво на Украина. Замислете, таа е на таа позиција веќе една година и не била во БиХ“, рече вчера Додик. Тој најави дека неговите партиски колеги од СНСД ќе го бојкотираат состанокот во Претседателството на БиХ, како и обраќањето на Марта Кос во Парламентарното собрание на БиХ.
Комесарот Кос претходно изјави дека Додик нема да биде соговорник на Европската Унија и ги повика властите во Бања Лука веднаш да ја спроведат пресудата на Судот на БиХ со која му се забранува да ја извршува функцијата претседател на Република Српска.
Кос рече дека Додик е „сепаратист и дека сепаратистите нема да бидат соговорници на Европската Унија“.