Најкрвавa рација во историјата на Бразил: Бројот на жртви се искачи на 132

Најмалку 132 лица се убиени во Рио де Жанеиро во најсмртоносната полициска операција во бразилската историја, соопштија властите, еден ден откако жителите на главниот град на државата положија десетици тела на улиците во знак на очај и протест.

Според јавниот правобранител на Рио, бројот на жртви е повеќе од двојно зголемен во однос на претходниот извештај за 64 мртви, вклучувајќи четворица полицајци. Полициската операција, која траеше од понеделник до вторник, беше насочена кон членови на нарко-картелот Командо Вермељо (Црвена команда), кој ја контролира трговијата со дрога во неколку од фавелите во градот.

Улици полни со тела

Жителите на населбата Пења, барајќи исчезнати членови на семејството, пронајдоа повеќе од 70 тела во пошумена област зад нивните населби и ги донесоа на главниот пат, каде што ги наредија во долг ред на средина од улицата.

„Само сакам да го извадам мојот син од тука и да го закопам“, рече Тауа Брито, мајка на еден од мртвите, додека жителите плачеа околу импровизиран ред тела покриени со чаршафи и кеси.

Гувернерот на Рио, Клаудио Кастро, рече дека сите мртви биле „криминалци“ и дека поголемиот дел од борбите се случиле во шумски подрачја.

„Не верувам дека некој би шетал низ шумата на ден кога имало вооружен конфликт. Единствените вистински жртви биле полицајците“, рече Кастро.

Операција пред глобалните климатски настани

Масакрот се случи само една недела пред меѓународните настани за климатските промени што се одржаа во Рио, вклучувајќи го Самитот на светски градоначалници C40 и наградата Earthshot, чиј домаќин беше британскиот принц Вилијам.

Бразил беше домаќин на бројни глобални настани во изминатата деценија – од Олимписките игри во 2016 година до самитот на Г20 во 2024 година и самитот на БРИКС во јули – но ниту еден не бил придружен со насилство од ваков обем.

Реакции од Бразил и од целиот свет

Федералните власти на Бразил сè уште не издале официјален коментар. Претседателот Луиз Инасио Лула да Силва, кој се врати од Малезија, се сретна со потпретседателот Џералдо Алкмин и членови на владата за да разговараат за ситуацијата. Министерот за правда изјави дека федералната влада не добила барање за интервенција од државата Рио де Жанеиро.

Бројни невладини организации и активисти за човекови права ја осудија акцијата како „масакр врз сиромашното население на фавелите“.

Канцеларијата за човекови права на ОН изјави дека инцидентот „додава уште еден трагичен пример во серијата екстремно смртоносни полициски операции во маргинализираните заедници во Бразил“.

„Ги потсетуваме властите на нивните обврски според меѓународното право и повикуваме на итна и ефикасна истрага“, се вели во соопштението на ОН.