Најмалку 35 лица се водат како исчезнати во пожарите што го зафатија Лос Анџелес, а се претпоставува дека две лица загинале, изјави денеска началникот на градската полиција.
Како што наведе, 18 лица се водат како исчезнати во областа на пожарот во Итон, а шест во Малибу, пренесува Си-Би-Ес.
Во исто време, пожарникарите се уште се борат да ги локализираат четирите актуелни пожари во Лос Анџелес, од кои најголемиот е пожарот Палисадес од 9.596 хектари.
Пожарникарите контролираат 17 отсто од пожарот откако избувна пред една недела, соопшти пожарникарската служба во Калифорнија.
Пожарот во Итон, на северот на градот, зафатил околу 5.700 хектари, а 35 отсто од пожарот е локализиран, додека пожарникарите речиси целосно го изгаснале пожарот во Хурст.
Градоначалничката на Лос Анџелес Карен Бас го покани новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги обиколи областите на градот погодени од пожарите.
Трамп претходно ги обвини калифорниските власти, особено гувернерот на државата, Гевин Њусом, дека не правилно управуваат со опасностите од пожари и снабдувањето со вода, пишува Си-Ен-Ен.
Најмалку 24 лица загинаа, а десетици се водат како исчезнати во пожарите во областа Лос Анџелес.
Остануваат наредбите за задолжителни евакуации за 92.000 луѓе, а уште 89.000 жители се под предупредување за евакуација.