Свет

Најмалку осум загинати во лавина во „тибетска Швајцарија“

Најмалку осум загинати во лавина во „тибетска Швајцарија“

Најмалку осум лица загинаа во лавина во градот Нинчи во југозападен Тибет, објави Ројтерс, повикувајќи се на државните медиуми. Кинеската влада испрати тим да помогне во пронаоѓањето на телата и потрагата по исчезнатите.

Лавината паднала во вторникот вечерта по локално време на дел од патот и блокирала луѓе и возила, јавува агенцијата Ксинхуа, цитирана од Ројтерс. Не е јасно колку луѓе се водат за исчезнати, а официјалните лица не соопштуваат повеќе детали.

Во текот на ноќта локалните власти испратиле повеќе од 130 спасувачи и близу 30 возила на местото на несреќата, објави денеска локалниот весник „Глобал тајмс“.

Кинеското Министерство за вонредни ситуации испрати работна група во автономниот регион. До 17:30 часот во средата, штабот за одговор при итни случаи испрати повеќе од 240 спасувачи со повеќе од 70 возила, 10 парчиња опрема и речиси 1.000 уреди за пребарување за да ископаат спасувачки коридор долг 350 метри.

Сместен на 3.100 метри надморска височина, Нинчи многу туристички компании го сметаат за „Швајцарија на Тибет“, забележува Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни