Во изминатите 24 часа најмногу врнежи се регистрирани во Претор, каде наврнале 66 литри дожд на метар квадратен. Потоа следуваат Крушево со 37 литри, Битола со 30, Прилеп со 26 и Маврови Анови со 25 литри. Значајни количини се измерени и во Тополчани, Пожаране и Виница – по 24 литри, како и во Крива Паланка со 23 литри. Во Лазарополе се забележани 18 литри, на Попова Шапка 17, во Штип 15, а во Берово и Тетово по 13 литри. Кавадарци и Куманово имаат по 12 литри, Струмица 11, Велес 10, додека во Скопје – Зајчев Рид се измерени 4 литри, а во Скопје – Петровец 5 литри. Најмалку дожд има во Гевгелија — 3 литри.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, денес времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. На одделни места врнежите ќе бидат поинтензивни, со услови за невреме, грмежи и засилен ветер. Ќе дува умерен до силен јужен ветер, кој повремено ќе достигнува над 60 километри на час. Максималните дневни температури ќе се движат од 13 до 19 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер, а температурата ќе се искачи до 17 степени.