Најскапа нафта во последните 4 години: До Нова година над 80 денари литар?

Цената на нафтата на берзите во Њујорк и Лондон е на највисоко ниво од ноември 2014 година, бидејќи пазарот стравува дека американските санкции против Иран ќе доведат до пад на понудата на светскиот пазар.

Барел американска нафта (VTI) за испорака во ноември поскапе за 2,05 долари и достигна 75,30 долари на Њујоршката берза.

Во Лондон, цената на нафтата тип Брент за испорака во декември, го заврши денот на 84,98 долари, што е за 2,25 долари повисоко во споредба со затворањето на берзата во петокот.

Иако американските санкции против Техеран теоретски ќе стапат на сила само во ноември, иранскиот извоз веќе значително се намали. Со 1,72 милиони барели дневно во септември, тоа е веќе на најниско ниво од февруари 2016 година, јавуваат американски медиуми.

Извозот опадна за 39 отсто од април, непосредно пред американскиот претседател Доналд Трамп да најави повлекување на САД од иранскиот нуклеарен договор.

За Македонија тоа значи опасност од нова нафтена криза. Доколку суровата нафта продолжи да расте со ова темпо, литар гориво во малопродажба може да достигне и цена над 80 денари до Нова Година.

Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на горивата од вчера се зголемија за еден денар по литар.

Со неа се изврши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,03, односно за 1,98 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 73,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава за 75, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 67, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 55,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,399 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и изнесува 35,75 денари за килограм.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 4,17 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 0,53 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.

Цената на дериватите ќе се пресметува по нова методологија

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до јули 2019 година ќе ја применува методологијата за одредување на малопродажната цена на нафтените деривати која е составен дел од купо-продажниот договор со ОКТА, а потоа согласно Законот за енергетика е предвидено Комисијата да донесе нова методологија, потврди во неделата претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

– При носењето на новата методологија ќе направиме повеќе состаноци со сите заинтересирани страни, а особено со активните трговци со нафта и нафтени деривати во земјава со цел да изготвиме методологија што ќе биде во интерес на граѓаните, изјави Бислимовски.

Тој прецизира дека во сегашната методологија е предвидена маржа за трговците од 3,2 денари за продаден литар која е определена уште во 1995 година.

– Тоа ќе го земеме во предвид и ќе пристапиме кон нова методологија. Постои и законска можност да направиме и целосна либерализација на пазарот со нафта и нафтени деривати, но ќе треба да внимаваме имајќи ги во предвид искуствата во соседните земји, потенцира Бислимовски и додаде дека цените на нафтените деривати во сите соседни земји се повисоки.

Нагласи дека смета оти РКЕ треба да изготви нова методологија и да се оди чекор по чекор, а не веднаш да се направи либерализација на пазарот за да нема енормен скок на цената, бидејќи трговците се незадоволни од маржата што ја имаат веќе дваесетина години.

– РКЕ треба во соработка со сите заинтересирани страни да изготви методологија во интерес и на трговците, но и на потрошувачите. Енергетската заедница нема сугестии околу цената на нафтените деривати и нема стриктна регулатива, туку само одредени упатства и појаснувања кои се однесуваат на квалитетот на нафтата и на нејзините деривати, рече Бислимовски.

Иницијативата која потекнува од Грција за повторно активирање на нафтоводот од Солун до Скопје ја оцени како позитивен чекор, бидејќи, како што рече, ќе придонесе за намалување на трошоците за транспорт на нафтени деривати што сега претежно се врши со камиони цистерни.

– Сепак треба да се направат соодветни анализи за да се види што би значело тоа и какво влијание би предизвикало на пазарот во Република Македонија, прецизира Бислимовски.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното