Најскапиот стан во Скопје продаден за 280.000 евра – квадрат во Центар надмина 3.000 евра

Стан со површина од 91 метар квадратен во скопската општина Центар е продаден за рекордни 280.000 евра во третиот квартал од годинава, достигнувајќи цена од над 3.000 евра за квадрат, покажуваат најновите податоци од Агенцијата за катастар на недвижности. Оваа трансакција е дел од поширокиот тренд на историски раст на цените на недвижностите, кои во истиот период скокнаа за неверојатни 25,1 отсто.

Според податоците од Регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, пазарот на новоградби бил активен, со регистрирани продажби на вкупно 845 станови директно од инвеститор. Ова претставува зголемување за 169 продадени станови во споредба со претходниот, втор квартал од годинава.

Сепак, она што особено загрижува е драстичниот раст на цените. Според пресметките на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРМ), зголемувањето од 25,1 отсто во третиот квартал е историски највисокото забележано досега. Единствен сличен период беше 2008 година, кога цените пораснаа за над 24 отсто, но потоа следуваше период на нивен пад. Овој нов скок ги прави недвижностите сè понедостапни за просечните граѓани.